Замена за централното греење

Алтернатива или компромис?

На почетокот на секоја грејна сезона сé повеќе се актуелизираат прашањата за квалитетот и цената на централното греење и алтернативите за него

Многу наши сограѓани се жалат на централното греење – некои заради неговиот (не)квалитет, други заради високата цена, а трети и за едното, и за другото. Државата преку своите регулатори може да полемизира со нас колку сака околу тоа дали треба исклучените да плаќаат за услугата што не ја добиваат, но исклучените по своја волја имаат поважен проблем за решавање – со што да го заменат централното греење? Грејните тела кои во кои се согоруваат дрва, преработки од дрво, нафта или гас најчесто се вон комбинација, било заради непријатностите со ракувањето, било заради немањето услови – оџак или простор за складирање на горивото, така што во пракса размислувањата секогаш се насочени кон електричната струја. За најчестите алтернативи во вид на грејни тела кои зрачат топлина тешко и дека може да се каже дека се алтернатива – секој добро знае дека немаат душа да загреат цел стан но се користат од немајкаде, пред сé заради ниската набавна цена. Секој исто така добро знае дека квалитетот на греењето што се добива е пропорционален со сумата што ќе се инвестира за него, но не секогаш поскапото решение е и најефикасно.

Најефикасно всушност, и тоа без конкуренција, е токму јавното (градско) централно греење. Главните причини за тоа се димензионираноста за производство на голема количина топлинска енергија и максималната оптимизираност на процесот. Тоа овозможува со релативно пристапни почетни инвестиции по станбена единица да се обезбеди квалитетно и постојано греење. А токму постојаноста на греењето е клуч за ефикасноста. Имено, енергијата што се троши за греење најрационално ќе се користи кога домот само се догрева – со допуштањето тој целосно да се излади за одреден период, макар и временски краток, ќе се потроши повеќе енергија отколку што ќе се заштеди за периодот кога греењето не работело. Заради истото тоа, сите оние кои се исклучиле од централното греење заради тоа што малку време се дома и сметаат дека не им треба греење на празниот стан, најчесто грешат.

Од истата причина и грејните тела кои зрачат топлина не можат добро да го загреат домот. Тие се наменети за брзо загревање на мал простор или како секундарно греење, кога станот треба да се догрее во случаи на екстремно ниски температури или пак на градба со лоша изолација во која централното греење не може да ја постигне посакуваната собна температура. Сличен делумичен ефект имаат и обичните клима уреди кои греат. Поскапите опремени со инвертор се поефикасни при загревањето, но и нивна слаба точка се ниските температури – секој уред си има своја граница под која едноставно не може да работи. Во поглед на квалитетот на греењето добри резултати можат да се постигнат со комбинирање на грејните тела, најчесто панели и клима уред, но во поглед на ефикасноста тоа е погубно за домашниот буџет. Треба да се знае и дека клима уредот заради својата позиционираност топлиот воздух го испраќа таму каде не треба – во горните делови од собата, што уште ја намалува нивната ефикасност но и перцепцијата на загреаност.

Покрај сé набројано, има уште нешто – велат дека најскапа е онаа машина која не работи, а токму тоа е инсталацијата за парно греење која не се користи. Затоа најумно е пред да се дадат пари за разни грејни тела па потоа низ пракса да се дознава дали тие ќе ја вршат својата функција и со колкави трошоци, да се разгледаат алтернативите кои ќе ја користат цевната инсталација, што е можно само кај поновите градби – старите згради со вертикален цевен систем не се погодни. Доколку е случај да имате систем кој овозможува монтирање сопствено парно греење (тука мора да напоменеме дека зборот ‘парно’ го користиме само за подобро разбирање – вистинскиот термин е радијаторско греење, бидејќи водената пареа веќе многу одамна не се користи како медиум за пренесување на топлинската енергија), првичниот избор треба да се направи врз основа на објектот што треба да се загрева – куќа или стан. За куќа постојат повеќе можности, но за стан тие се ограничени и се сведуваат практично само на две – електричен котел или топлинска пумпа. Инвестицијата за првото решение е доста пониска отколку за второто. И инсталацијата е поедноставна, но ефикасноста значително помала. Имено, електричниот котел како што самото име му кажува ја грее водата трошејќи струја – теоретски за еден kWh топлинска енергија му треба нешто повеќе од еден kWh електрична струја, но во пракса дури и два.

Топлинските пумпи, пак, кои ги има три вида (воздух-вода, вода-вода и воздух-воздух, какви што во основа се и сите клима уреди) работат на принцип на екстракција на енергијата од околината и имаат коефициент на искористеност дури и до 5:1. Тоа значи дека со еден kWh струја се произведуваат, односно испорачуваат 5 kWh топлинска енергија. За стан во кој веќе постои инсталација за централно греење но не од вертикална изведба, топлинските пумпи воздух-вода се единственото практично ефикасно решение. Работат и на ниски температури посебно ако се опремени со дополнителни грејачи, квалитетот на греењето е идентичен, па дури и подобар од централното греење, а имаат можност и за производство на топла санитарна вода со што бојлерот во бањата станува непотребен. Мана им е високата инвестиција, значително повисока од онаа на електричните котли, а исто како и нив се опремуваат со тајмери – поскапите модели дури и со меморија за една седмица, а ептен скапите можат да се контролираат и преку апликација за смартфон.

Топлинските пумпи воздух-воздух имаат и практична можност за ладење но за нив треба посебна инсталација, односно не може да се користи веќе постоечката од централното греење. Сепак најефикасно решение, посебно ако се користат во комбинација со подно греење, се топлинските пумпи вода-вода, или како што уште се нарекуваат геотермални топлински пумпи, кои ја користат енергијата од земјата и подземните води. Но, тоа е веќе тема за некој друг пат.