Меѓународен линиски превоз на патници

Што, како…

► Меѓународен линиски превоз на патници меѓу Република Македонија и друга држава (билатерален)  транзитивен превоз преку територијата на Република Македонија се воспоставува во согласност со меѓународните договори, а врз основа на претходна согласност на министерствата надлежни за транспорт на државите низ кои линијата поминува

Гореопишаниот превоз се врши врз основа на дозвола што ја издава Министерството за транспорт и врски. Меѓународниот линиски превоз на патници на територијата на Република Македонија може да се извршува врз основа на дозвола што ја издава Министерството за транспорт и врски. Дозволата се издава на барање на домашниот и странскиот превозник. Кон барањето превозниците се должни да приложат возен ред, ценовник и итинерер, план за возење на возачите,договор заверен на нотар за заедничко одржување на превозот и други прилози определени со меѓународна спогодба. Странскиот превозник барањето за издавање на дозволата го доставува преку надлежниот орган на државата во која возилото е регистрирано. Составен дел на дозволата се заверен возен ред, ценовник, итинерер и план за возење на возачите. Дозвола нема да се издаде ако превозникот не ги исполнува условите за нејзино издавање предвидени со овој закон, поблиските прописи донесени врз основа на овој закон и одредбите од меѓународните спогодби. Министерството за транспорт и врски води регистар за издадените дозволи за меѓународни линии. Формата и содржината на регистарот ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Меѓународниот линиски превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај мора да се врши во согласност со дозволата, планот за возење на возачите,возниот ред, итинерерот и ценовникот што го завериле министерствата за транспорт каде што се седиштата на превозниците. Дозволата, план за возење на возачите, возниот ред,итинерерот и ценовникот во оригинал мора да се наоѓаат во возилото со кое се врши превозот. Покрај овие документи, во возило мора да се наоѓа и евидентен лист за превоз на патници.Евидентниот лист за превоз на патници го води превозникот во три примероци за секој извршен меѓународен превоз на патници, го чува во рок од 24 месеци и еден примерок задолжително се остава на царинската управа на граничните премини на Република Македонија. Формата и содржината на евидентниот лист за превоз на патници, податоците кои ги содржи, начинот на неговото чување и водење ги пропишува министерот за транспорт и врски. За редовно одржување на превозот согласно со издадената дозвола одговорни се двата превозника на кои им се издадени дозволите.

Доколку превозниците превозот не го  вршат согласно со издадената дозвола и одобрениот возен ред, Министерството за транспорт и врски ќе ја одземе дозволата и возниот ред и истите ќе ги избрише од регистарот на издадените дозволи. Доколку на домашен превозник му е одземена дозволата, Министерството за транспорт и врски го известува надлежниот орган на странската држава каде што има седиште странскиот превозник. Странскиот превозник е должен во рок од три месеца од известувањето да склучи договор за заедничко одржување на предметната линија со друг домашен превозник. Доколку странскиот превозник во рок од три месеца од известувањето склучи договор за заедничко одржување на предметната линија со друг домашен превозник, на домашниот превозник кој склучил договор со странскиот превозник, ќе му се одобри возниот ред и ќе му се издаде дозвола согласно со овој закон.

Доколку во рокот странскиот превозник не склучи договор со нов домашен превозник му се одзема дозволата и возниот ред и на странскиот превозник. Доколку меѓународната линија се одржува еднострано само од странски превозник, при поднесување на барање за продолжување на дозволата пред истекот на важноста на дозволата, странскиот превозник е должен да достави договор за одржување на линијата со домашен превозник. Доколку во текот на одржување на линија во меѓународниот линиски превоз на патници, постои известување до надлежен орган за двострано раскинување на договорот за заедничко одржување на линија, секој од партнерите кои претходно го одржувале регистрираниот возен ред е должен најдоцна во рок од три месеци од доставувањето на известувањето да склучи договор со нов партнер. Притоа партнерите кои претходно го одржувале регистрираниот возен ред се должни во известувањето да утврдат кој превозник кое поаѓање ќе го одржува за да можат да поднесат барање пред надлежниот орган со новиот партнер за издавање на дозвола и одобрување на возен ред. Доколку во рокот превозниците не достават договор со нов партнер, дозволата и регистрираниот  возен ред се одземаат и се бришат од евиденцијата. Доколку од надлежен орган на странска држава има известување дека за линија нема согласност според важечките прописи во странската земја, постапката за издавање или продолжување на дозволата ќе биде запрена, а регистрираниот возен ред се одзема.

Превозникот може да поднесе барање за спојување на два или повеќе возни редови за меѓународен линиски превоз на патници за кои има правосилно решение издадено од министерството за транспорт и врски или важечки посебни дозволи за возните редови за кои се бара спојување кои имаат иста почетна или иста крајна станица, посебните дозволи да бидат на една дозвола и еден возен ред. Странски превозник не може да врши внатрешен превоз на патници (каботажа) при извршувањето на меѓународниот линиски превоз на патници, доколку со меѓународна спогодба и договор поинаку не е определено. Доколку со меѓународна спогодба и договор е определено да може да се врши превоз, во тој случај странскиот превозник треба да поседува дозвола издадена од Министерството за транспорт и врски. Странски превозник може да врши линиски превоз на патници во транзит преку територијата на Република Македонија само врз основа  на дозвола што ја издава Министерството за транспорт и врски. Со дозволата за транзит не може да се дозволи качување и слегување на патници на територијата на Република Македонија доколку со меѓународната спогодба поинаку не е определено.