Liebherr LH 24 M

Ефикасно селектирање и сортирање на материјал

Серијата LH 24/LH 26 на Liebherr претставува продолжение на успешната приказна за померувачи на материјал која трае повеќе од половина век

Зошто еден реномиран светски производител на работни машини како што е Liebherr, би се изложувал на трошок од корен да развие нова серија на померувачи на материјал кога и без тоа со децении наназад е лидер во продажбата на машини кои служат за манипулација со разни материјали.

Одговорт е едноставен: затоа што секогаш и најдоброто може да се подобри. При одлуката за развивање нова серија секако влијае и достапноста кон нови технолошки решенија, како и новите стандарди за сочувување на природниот амбиент, а да не заборавиме дека тука е и конкуренцијата која секогаш дише на врат со постојано усовршување на сопствената понуда.

При извршување на апликациите како што се сепарирање на одделен материјал, обработка на остатоци од производни процеси или едноставно преместување од едно на друго место на градилиштето, потребни се адекватни машини кои работната задача ќе ја извршат со максимална ефикасност, истовремено трошејќи минимални количини на енергенси и време.

Посилно и побрзо

Токму тие спротивставени услови конструкторите на Liebherr умешно ги комбинираат во моделот LH 24 M. „Посилно и побрзо“ не е само рекламен слоган со кој настапува германскиот производител, туку суштина која се изразува преку механичките капацитети на машината. За тоа пред сé е заслужен современиот дизел агрегат кој од четирите цилиндри со работен волумен од 4,4 литри ослободува 150 КС (110 kW). Од друга страна, брзината на работниот циклус е подобрена со оптимизрање на електрониката задолжена за обезбедување адекватен притисок во зависност од оптеретувањето како и правилна распределба на истиот помеѓу движењето на машината и неговите останати функции.

Во исполнување на поставените специфични задачи помагаат три, различни по форма и функција, работни раце потоа четири видови на стрели како и 6 различни „грајфери“. Помеѓу нив се наоѓа и голем магнетен грајфер кој е задолжен при процесот на сепарација на материјалот да ги издвои металните делови.

Инаку во принцип говориме за багерска конструкција на тркала која има погон и на двете оски и можност за хидраулично поставување на ногарки при статично изведување на потешките работни апликации.

Работен простор

Вообичаено е кај машините кои се движат со помош на тркала, управувањето да се води со помош на класичен управувач. Овој пат, Liebherr прави искучок и наместо управувач поставува џојстик. Предностите на ова решение се огледаат во зголемениот простор наменет за операторот но и во значително подобрената видливост, поготово во долниот дел околу машината.

Кабината, која е наново проектирана, обезбедува престој под пријатни околности, преку полно работно време. Удобното и амортизирано седиште кое се подесува по сите параметри, греачите и директната вентилација, потоа потпирачите за раце кои исто така може да се прилагодуваат во сите правци, заедно со одличната механичка и акустична (70 dB(A)) изолираност, високо ги поставуваат критериумите во класата.

Сите параметри на машината, вклучувајќи ја и моменталната оптеретеност се следат преку 7-инчен екран осетлив на допир, а во случај на преоптеретеност алармот стигнува преку звучен и визуелен сигнал со истовремено икслучување на одредени функции. Враќањето во полна снага се изведува преку враќање на машината во почетната положба. Сите параметри ги бележи системот за контрола LiDAT а податоците подоцна им се достапни и на сервисните служби.

Оддржувањето на Liebherr LH 24 M е прилично поедноставено, па производителот се фали со кратко време потребно за интервенции и долги сервисни интервали. За моторот е предвидено сервисирање на секои 500 работни часа додека за хидрауличните системи тоа се прави по 8.000 часа. Контролните точки исто како и редовното сервисирање се изведува од ниво на тлото, и за обучените сервисери претставува брза рутина. Притоа, автоматското подмачкување на виталните делови значително им ја олеснува работата.

Значителен придонес кон самодовербата на Liebherr се црпи од податокот што сите механички делови, па дури и самиот метал за нив, се од сопствено производство. Под таа етикета влегува и моторот како и хидрауличните компоненти. Едноставно кажано, луѓето си произведуваат сé сами па затоа и се подготвени да гарантираат за своите финални производи.