Сам свој мајстор
► Градежништвото е една од индустриските гранки каде работната рака никогаш нема да биде заменета – ниту онаа стручната, ниту онаа неквалификуваната. Но тоа не е пречка иноваторите постојано да смислуваат разни начини како да го заменат она што не може да се замени
Замислете само какво олеснување доживеале раководителите на градежните компании кога прв пат го здогледале ова машинче. Веруваме дека тоа за нив претставувало вистинско откровение, дека го осознале крајот на своите маки околу бавно и неквалитетно подготвениот бетон и расправиите со работниците околу тоа. Исто веруваме и дека ако постоеше нобелова награда за иновации во градежништвото, тие со двете раце би гласале за оние што го измислиле CarMix. А тоа се кој друг ако не Италијанците. Дело е на компанијата Metalgalante од Падова која е специјализирана за вакви иновативни машини од областа на подготвувањето бетон, лесни за употреба и идеални за користење на места каде големите миксери не е исплатливо или едноставно не можат да дојдат. На пример на врв на некој рид или некој оддалечен остров.
Претстава за нивната употребна вредност се добива со само еден поглед на фотографиите, но ние сепак ќе го задржиме вашето внимание и со по некој збор и бројка за еден од помалите нивни модели, CarMix 2.5 TT. Тој по дефиниција е самотоваречки 4×4 миксер за бетон со зафатнина од 3.450 литри, односно ефективни 2,5 кубни метри бетон. За полнење на барабанот се користи корпата од 400 литри, оперативната брзина му изнесува меѓу 0 и 9 километри на час, а од една на друга локација се транспортира со брзина до 25 километри на час што го класифицира во категоријата работни машини а не моторни возила. Должината му изнесува 6,24 метри, транспортната ширина 2,31 метар, а висината со спуштена корпа 2,88 метри. Меѓуоскиното растојание од само 2 метри и системот за управување кој делува на двете оски го прават екстремно подвижен, за што се грижи Perkins 1104D-44T дизел моторот сместен назад попречно. Своите 84 коњски сили тој ги пренесува на сите четири тркала преку хидростатска трансмисија со двостепениот редуктор (работен и за транспорт) и диференцијалите на секоја оска. За безбедноста се грижат диск сопирачките потопени во масло и негативната хидраулична паркинг кочница. Пневматиците му се теренски од индустриски тип со димензии 12.5-20 PR 12 и целосно оптоварен може да искачи нагорници од 30%.
Барабанот при ротацијата овозможена од трикружниот хидрауличен систем со две пумпи и планетарниот редуктор не произведува никакви вибрации, а неговата брзина се регулира преку бројот на вртежи на дизел моторот. За полесно сипање на бетонот тој може да се сврти под агол од дури 270° и издигне до 1,9 метри над било која од четирите страни на возилото тешко околу 6 тони еднакво распределени на двете оски. Хидрауликата е задолжена и за корпата која се наоѓа од страна на ултракомпактната кабина за операторот, која може да биде опремена со клима уред или надворешен уред за загревање. Во резервоарите му собира 540 литри вода, 105 литри гориво и 80 литри хидраулично масло, а сето тоа е поставено на цврста шасија од челични профили специјално конструирана за теренска работа.
Најдобриот доказ за способностите и високата употребна вредност на теренските миксери од серијата CarMix на Metalgalante е тоа што се стандардна опрема на инженерските единици на италијанската армија. Оваа компанија е единствена која секоја произведена машина ја тестира 8 часа пред да биде обоена, со што се гарантира нејзината максимална оперативност и издржливост.